Ресурси · Аналитика
Инвестициска стратегија во технолошката ера
Кога луѓето ме прашуваат како изгледа мојот работен ден, очекуваат одговор полн со терминали, извештаи и екрани полни со бројки. Вистината е поинаква.

Иван Ивановски
Основач, Prime Capital
Јас поминувам голем дел од времето истражувајќи - не само читајќи ги финансиските белешки и биланси, туку следејќи што навистина се случува во пракса, користејќи ја мојата технолошка позадина. Реалните технолошки промени се случуваат многу пред да стигнат до кварталните извештаи.
Мојот процес започнува токму таму: читање новости, следење на одредени компании и анализирање на нивните потези. Но, вистинскиот предизвик не е да ја видиш веста, туку да процениш дали таа вреди пари. Бројките без контекст можат да те излажат исто толку лесно како и приказните без бројки.
01 · Анализа
Замката на традиционалните анализи
Секој портфолио менаџер треба да ја разбира економската страна и да ги разбира финансиските аспекти. Но, ако се потпреш исклучиво на традиционалната економија, лесно ќе ја пропуштиш големата слика.
Многу аналитичари гледаат само еден слој: приходите растат, профитната маржа е одлична - значи компанијата вреди. Овој заклучок може да биде точен две или три години, но потоа се претвора во вредносна стапица (value trap).
BlackBerry
Бројките растеа. Пазарот веќе се менуваше.
Во периодот кога бев во Веником, ги градевме првите апликации за iPhone и iPad за брендови како GQ и Vogue. Тоа беше на самите почетоци на iPhone. Ако тогаш ги погледневте бројките на BlackBerry, изгледаше дека стојат одлично, дури и бележеа раст.
Но, интерно, тие веќе го забележуваа влијанието кое го имаат iPhone и iPad. Нѐ поканија на конференција и нѐ ангажираа да направиме BlackBerry апликација за GQ, иста како онаа за iPhone, надевајќи се дека со тоа ќе го свртат бранот и ќе фатат чекор.
Но, за нас кои ја разбиравме големата слика и знаевме што претставува iPhone, беше кристално јасно дека е веќе премногу доцна.
02 · Тајминг
Уметноста на тајмингот
Трикот е да не задоцниш - но и да не влезеш премногу рано. Помеѓу тие две грешки лежи целата работа.
Цената веќе ја содржи приказната
Да препознаеш добра компанија откако веќе ќе стане успешна е релативно лесно, но тоа нема да ти донесе доволен профит. Ако задоцниш, цените веќе ќе бидат превисоки и профитот ќе изостане.
Пазарот го губи трпението
Не смееш да влезеш ни премногу рано, затоа што трпението на пазарот може да исчезне пред компанијата да го реализира својот потенцијал.
Пред толпата, но не пред времето
Вистинската тежина на оваа професија лежи во тајмингот. Целта на Prime Capital е јасна: да бидеме пред толпата, но не пред времето.
03 · Читање на технологијата
Иднината на софтверот
Денес е клучно да се разбере каде точно се движи технологијата за да се донесе паметна инвестициска одлука.
Софтверот станува сѐ попристапен и полесен за замена, што става голем прашалник врз иднината на некои традиционални софтверски гиганти. Земи ја компанијата Adobe како пример. Со децении, тие беа неприкосновен стандард во креативната индустрија. Но, нивниот голем предизвик сега е како да задржат и привлечат нови корисници во свет каде бариерата за создавање е драстично намалена.
Промената започна кога платформи како Canva сфатија дека не секој корисник сака или има време да учи сложен софтвер. Тие понудија едноставност и брзина, преземајќи огромен дел од пазарот составен од претприемачи, маркетери и луѓе на кои им требаат брзи, готови решенија. Оваа демократизација на дизајнот покажа дека корисниците често преферираат ефикасност пред безброј опции.
Сега, со напредокот на вештачката интелигенција, овој тренд само се забрзува. Софтверот во поширока смисла станува заменлив - новите AI алатки овозможуваат генерирање на дизајни, пишување код или креирање видеа за неколку секунди преку едноставни текстуални команди.
Клучното прашање за нас како инвеститори не е дали софтверот е добар, туку дали нивната база на корисници ќе продолжи да расте, или новите AI решенија трајно ќе им го земат идниот пазар.
Се разбира, Adobe веројатно ќе остане индустриски стандард за тесните професионалци уште долго време. Но, инвестирањето во софтвер денес бара многу попретпазливо читање на трендовите.
04 · Фокус на хардверот
Зошто не продадовме кога сите продаваа
Сети се кога се појави кинескиот AI модел DeepSeek и покажа дека моќна вештачка интелигенција може да се тренира многу поевтино и со помалку чипови отколку што се мислеше. Инвеститорите во паника почнаа масовно да продаваат акции поврзани со хардвер, мислејќи дека ако за еден модел требаат помалку чипови, хардверските компании ќе изгубат вредност.
Тренирањето е мал дел од приказната
Вистинската, константна побарувачка за чипови доаѓа од користењето на тие модели (inference) од страна на милиони корисници секој ден. Токму затоа што софтверот станува поефикасен и поевтин, тој ќе биде вграден во огромен број нови апликации. Оваа масовна примена всушност експоненцијално ја зголемува потребата од процесори на глобално ниво.
Производството зависи од неколку компании
Производството на тие процесори останува огромно тесно грло - тој процес е толку сложен што зависи од само неколку компании во светот, како ASML во Холандија и TSMC во Тајван.
Исто како во времето на Златната треска, каде најмногу профитираа компаниите што продаваа копачи и мотики, а не луѓето што копаа, така и денес огромниот фокус паѓа врз хардверот што го овозможува сето тоа. Затоа, наместо да реагираме на моменталната паника, ние не продадовме.
Тоа е разликата помеѓу инвестирање и реагирање.
Пазарот честопати реагира на емоција, а нашата работа е логика, дисциплина и трпение - трите работи низ кои поминува секоја одлука пред да влезе во некое портфолио.
05 · Процес
Шум наспроти сигнал: како навистина анализираме
Бидејќи доаѓаме од технолошкиот сектор и длабоко го разбираме, ние се трудиме да ја видиме големата слика. Вистинската анализа бара филтрирање на медиумскиот шум.
Ние ги слушаме извештаите за заработка (earning calls) за да ја разбереме суштинската стратегија на компаниите и стратегијата на нивните конкуренти. Проверуваме кои вести се само напумпан хип, а кои носат вистинско значење.
Кога на пазарот ќе настане паника и сите почнуваат неконтролирано да продаваат технолошки акции, ние не реагираме емотивно. Ние ја бараме логиката и се прашуваме: дали основната, долгорочна побарувачка навистина се променила?
06 · Заклучок
Лекции од минатото за тоа што ни носи иднината
Технологијата повеќе не е само уште еден индустриски сектор. Таа е двигател кој комплетно го менува светот, побрзо од кога било во нашата историја. Затоа, нејзиното разбирање е од огромна важност кога станува збор за инвестирање.
Кога ја разбираш технологијата од прва рака, можеш да видиш која компанија победува, а која изумира - многу пред тоа да стане очигледно во кварталните финансиски извештаи.
Ние не ја бараме најбрзата приказна; ја бараме приказната која ќе биде вистинита и релевантна и по три години.

Иван Ивановски
Основач, Prime Capital
Следен чекор
Разговарај
со нашиот тим.
Ако сакаш да разбереш како овој начин на размислување се преточува во конкретно портфолио, контактирај нѐ или разгледај ги нашите фондови.